В.д. градоначалникот на Гостивар смета дека Владата нема уставно право да постави повереник

Вршителот на должност градоначалник на Општина Гостивар и кандидат со најмногу освоени гласови во првиот изборен круг, Валбон Лимани, изјави дека најавеното назначување на владин повереник за оваа општина е спротивно на Уставот.

Во изјава за медиумите, Лимани посочи дека единствено Уставниот суд може да го разреши прашањето за тоа кој ќе ја води општината до повторувањето на изборите што пропаднаа поради слаба излезност.

– Јас сум назначен како вршител на должност градоначалник во јули минатата година, согласно член 54 од Законот за локална самоуправа, а потоа и изменетиот член 4, кој јасно наведува дека имам мандат до избор на нов градоначалник – изјави Лимани.

Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се оцени уставноста на одлуката на Владата.

– Ќе побараме Судот да каже дали е тоа уставно или не. Граѓаните веќе го кажаа своето на изборите на 19 октомври, а по закон во рок од шеесетина дена треба да се одржат повторени избори. Верувам дека на крајот Уставниот суд ќе пресуди дали владината намера е законска или не – изјави Лимани.