Онколошките пациенти во Македонија секојдневно се соочуваат со тешки услови во здравствениот систем, од долги чекања до недостиг на персонал и медицинска опрема. Потресното сведоштво на пациентката Вања Андонова, која патува од Струмица до Скопје за терапија, ги открива суровите реалности со кои се соочуваат болните од рак.
„Станувам во пет наутро, будам дете од седум години, кое прашува зошто одам на болница додека е уште темно. Го оставам дома, како и другото дете, за да стигнам што порано – но ништо не оди брзо. Секое чекање трае со часови“, вели таа.
Еден од најголемите проблеми е тоа што цела држава се лекува на една онкологија во Скопје. Иако лекарите и медицинските сестри даваат сè од себе, нема доволно персонал. „Младите сестри заминаа затоа што работеа без плата и без решенија. Недостатокот на кадар е огромен“, додава Андонова.
На клиниката, пациентите прво чекаат во единствената лабораторија за крвни анализи, каде што се редат по стотина пациенти. Потоа, со резултатите, продолжуваат на дневната амбуланта, каде повторно чекаат ред. Укината е и амбулантата за инекции, па сите пациенти, и оние на хемотерапија и оние на инекции, чекаат заедно.
Недостигот на инфраструктура е уште еден сериозен проблем. „Нема доволно столици, ходниците се премали за бројот на пациенти. Некои од нас седат на скалите, затоа што тоа го налага ‘процедурата’ на лекување“, сведочи пациентката.
Голем проблем е и дијагностиката. Во земјата има само еден PET-скен апарат, од кој зависат многу животи. „Ако апаратот се расипе, чекаме со месеци. Ако нема реагенси, а често ги нема, пациентите се принудени да патуваат од град во град, да бараат врски за да направат снимање“, додава таа.
Андонова го завршува своето сведоштво со апел: „Во секој град треба да има соба за онколошките пациенти, а државата да обучи медицински персонал. Наместо да се трошат пари на луксуз, потребно е да се вложува во здравството, во човечки животи.“
Останува отворено прашањето – дали надлежните институции ќе преземат мерки за подобрување на состојбата или ќе продолжи агонијата на онколошките пациенти во Македонија?