Во Основниот суд во Струга денеска повторно беше одложено рочиштето во судскиот процес против гинеколозите Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јованоска, обвинети во случајот на Јалдз Веапоска, која по царски рез остана без матка, јајник и бубрег.
Одложувањето уследи поради недоаѓањето на адвокатот на првообвинетиот Мухамед Асани. Ова, како што вели Веапоска за „Слободен печат“, е уште еден чекор што го продолжува процесот без оправдана причина.
„Рочиштето повторно се одложи затоа што адвокатот на Асани не се појави. Дали ова е нормално? Дали е човечки постојано да се одлага? Ако судењето не заврши до крајот на месецот, најавувам протести. Како што денеска дојдов заедно со многу луѓе од Дебар, така ќе организираме и поголеми протести пред судовите во Дебар, Струга и Скопје. Ќе се блокираат сите судови додека не ја добијам правдата“, изјави Веапоска.
На денешното рочиште биле присутни и медицинските вештаци кои го изработија супервештачењето за случајот, но тие не можеа да бидат сослушани бидејќи првообвинетиот се појавил без својот адвокат. Судскиот процес продолжува со нов термин кој дополнително ќе биде закажан.