Иако е обвинет во неколку судски предмети, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, не пропушти да го прослави својот 68. роденден. Во пауза меѓу две рочишта – едното за набавката на луксузно „Ауди А6“, другото за незаконски вработувања и поставување спомен-плоча на општинската зграда – Мерко се почести со роденденски коктел во просториите на Општина Струга.
Прославата ја организирале вработените во Општината, а Мерко доби уметничка слика и торта со бројот 68. Настанот не остана таен – видеа и фотографии од роденденот беа објавени на официјалната страница на Општина Струга на Фејсбук.
Во меѓувреме, судењата за сомнежи за злоупотреба на службената должност продолжуваат. Обвинителството го товари Мерко за незаконска употреба на буџетски средства и непочитување на законски процедури при вработувања и именувања во локалната самоуправа.