Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на реката Черава, која извира во Албанија и се влева во Охридското Езеро на македонска територија. Според Охрид Њус, поплавени се повеќе куќи и дворови во селото Љубаништа, во делови што се наоѓаат непосредно покрај езерскиот брег.
Мештаните изјавиле дека ваква состојба не се памети уште од големите поплави во 1962 година. Тие посочуваат дека голема среќа е што нивото на Охридското Езеро во моментот не е на максимум, па може да прими дополнителна количина вода.
„Во спротивно, штетите ќе беа многу поголеми“, велат жителите.
Проблеми има и во самиот град. Како што наведува истиот медиум, пријавени се поплавени домови и дворови на улиците „Железничка“, „Прилепска“ и во други населени делови на Охрид.
Според метеоролошките најави, интензивни врнежи од дожд ќе продолжат и во текот на денешниот ден и во сабота. Во недела, на повисоките места врнежите се очекува да преминат во снег, а температурите значително ќе се намалат.