Тројцата лекари од екипата на Брзата помош во Софија, кои први ги преземаа повредените од трагичниот пожар во Кочани, се со потекло од Македонија – објави бугарската телевизија БТВ во специјална емисија посветена на трагедијата.
Во тимот се:
- Д-р Марија Кушевска – родена и израсната во Кочани,
- Д-р Татјана Ачова – од Штип,
- Д-р Костадинов – од Пробиштип.
Д-р Кушевска, која заминала како дел од спасувачката мисија, имала длабоко лична поврзаност со настанот. Во пожарот изгубила роднини и пријатели, а додека ги преземала пациентите за транспорт, дознала дека меѓу нив е пријател на нејзиниот брат, а на летот кон Софија бил и нејзин прв братучед.
Во мисијата учествувал и Д-р Даниел Кировски од Валандово, кој исто така бил дел од тимот што отпатува од Бугарија за да помогне настраданите од катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“.
Овие медицинари, иако веќе долго време работат надвор од Македонија, покажаа исклучителна посветеност и човечност, враќајќи се во својата родна земја да помогнат во најтешките моменти. Нивниот ангажман и емпатија се силен потсетник за тоа дека солидарноста нема граници.