Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, жестоко реагираше на одлуката на владата за кратење на финансиската поддршка за спортските клубови во општината. Тој посочи дека еден службен пат на владата до Унгарија чини 14 милиони денари, додека целокупната програма за поддршка на спортот во Струмица изнесува 16 милиони денари за цела година.
Костадинов ја повика владата да ја преиспита својата одлука и наместо да укинува финансии за клубови, како што е 103-годишниот ФК Тиверија, да се откаже од едно патување.
Тој нагласи дека со кратењето од 65% на спортските средства се блокира развојот на младите таленти во различни спортови, меѓу кои карате, кик-бокс, шах и одбојка, каде клубовите од Струмица постигнуваат значајни успеси.
„Струмица нема да заборави за овие злодела!“ – порача Костадинов, критикувајќи ја владината политика кон спортот и обвинувајќи ја за ароганција и неодговорност.