Во 1999 година, НАТО го бомбардираше Генералштабот во Белград, Србите сега го уриваат поради Трамп

Денес, српскиот парламент усвои нов закон со кој се овозможува уривање на зградата на Генералштабот, архитектонски симбол на Белград оштетен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Со оваа одлука се укинува статусот на културно наследство, што отвора пат за изградба на луксузен хотелски комплекс поврзан со семејството на Доналд Трамп, пишува „ Њујорк тајмс“ .

Проектот вреден половина милијарда долари, кој требаше да вклучува хотел и апартмани со брендот Трамп на местото на поранешен воен комплекс, претходно беше запрен поради обвиненија за измама против владини претставници кои го поддржуваа.

Но, пратениците од владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ минатиот викенд објавија дека ќе користат посебна уставна одредба за да го протуркаат законот и да го оживеат проектот. Овој потег предизвика остра осуда од студенти, екологисти, обвинители и опозициски политичари, додавајќи масло на огнот по повеќе од една година антикорупциски протести против владата на Вучиќ.

Дополнителна загриженост изрази Европската комисија, предупредувајќи за кршење на владеењето на правото во Србија, земја која е кандидат за членство во ЕУ со години.

И покрај критиките, усвојувањето на законот беше очекувано со оглед на тоа што Српската напредна партија на претседателот Вучиќ и нејзините сојузници имаат мнозинство во парламентот. Официјалните лица потврдија дека законот ќе стапи на сила утре.

Пратеникот Миленко Јованов, кој го презентираше законот, во вторникот во парламентот изјави дека со него ќе се ревитализираат бомбардираните згради кои со години стојат празни „без план што да се прави со нив“.