Освен неуспехот со изградбата на гасификацијата, никаде не потфрливме во реализација на капиталните проекти, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Презентирајќи го предлог буџетот за 2019 година за својот ресор, министерот вели дека е зголемен за дополнителни две милијарди во споредба со минатата година. Сугарески додаде дека основниот буџет на министерството за тековната година имал реализација од над 70%.
„Освен оној дел за гасификацијата, кај нас нема други потфрлања. И тоа не го сметам за потфрлање, бидејќи повлечени беа средства со ребалансот на буџетот. Ние имаме 27 договори склучено за водоводи и канализација од мај месец што се реализираат. Очекуваме дека дел од тие ситуации, согласно роковите ќе се реализираат. Не чувствувам дека во мојот ресор има некакви потфрлања“, изјави Горан Сугарски, министер за транспорт и врски
Со ребалансот, една милијарда денари се скратени од проектот за изградба на гасоводот. Овие пари ќе се искористат за да се исплатат долговите на општините. Владата ги намали парите наменети за градежни активности, но не успееја да најде заеднички јазик со еко активистите што го блокираа градењето на гасовод низ планината Водно. Гасоводот ќе продолжи да се гради и наредната година. За ова ќе се вложат 1,5 милијарди денари.
„Вие сте сведоци дека имавме преговори со екологистите. Не само во град Скопје и во министерството за животна средина, ние ги дадовме сите аргументи и постапивме во делот на стеснување на трасата. Се што значи пошумување ќе биде направено таму. Гасификацијата е еден од најстратешките проекти и во делот на животната средина што треба да се направат“, додаде министерот Сугарески.
Буџетот на министерството за транспорт и врски за 2019 година изнесува 7,2 милијарди денари. Половина од парите ќе се вложат во изградба на железници, а остатокот за изградба на водоводи и канализација, локални патишта, гасовод, социјални станови и евтини авио линии.
Репортер: Данче Азманова
