Апелациониот суд во Скопје ја намали затворската казна на Бојан Јовановски – Боки 13 од девет на пет години за случајот „Рекет“, земајќи ја предвид неговата здравствена состојба и медицинската документација.
Но, јавноста останува без одговор на клучното прашање – каде заврши торбата со 1,5 милиони евра? Ова го потенцира и универзитетскиот професор Јове Кекеновски во својот најнов статус на Фејсбук, во кој прашува:
“Каде заврши торбата со 1,5 милиони евра? На снимките од камерите пуштени во јавноста видовме дека торбата се изнесува од куќата на рекетираниот бизнисмен. И толку. Дали е можно судот да не го интересира овој дел од случајот? Јас не сум убеден дека Боки 13 ги задржал парите за себе трошејќи ги за свои потреби. Сепак, се работи за многу пари и за кратко време – од земањето на парите до неговото лишување од слобода.”
Кекеновски нагласува дека иако дел од виновниците веќе ги отслужија своите казни, за парите никој не зборува.
“Испаѓа дека судијата и обвинителот се задоволни бидејќи учесниците се осудени, осудените се задоволни со малите казни, а најзадоволни се оние кај кои останаа парите. Народот, пак, повторно останува со прстот в уста,” додава Кекеновски.
Останува отворено прашањето – дали институциите ќе покажат интерес да истражат во чии раце завршиле овие 1,5 милиони евра?