Во израелските напади оштетен клучен нуклеарен објект во Иран

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) има информации дека клучните згради во иранскиот истражувачки центар за тешка вода во Хондаб биле оштетени во израелските напади, вклучително и единицата за дестилација, објави Агенцијата денес на платформата X.

Соопштението уследи по вчерашната проценка на МААЕ дека реакторот бил погоден, но дека немало радиоактивни последици, пренесува Ројтерс.

МААЕ вели дека ураниумот во Иран достигнал збогатување од околу 60 проценти – што значи дека е на добар пат да биде доволно концентриран за нуклеарно оружје.

Сепак, испукувањето ракета врз редовно складирани залихи на збогатен ураниум нема да предизвика „нуклеарен инцидент“ од ист обем како катастрофите што се случија во нуклеарните централи Фукушима или Чернобил .

Израелските напади се насочени кон нуклеарната инфраструктура на Иран, со силен акцент на подземните објекти за збогатување ураниум – објектот Натанз, во централниот дел на Иран.