Во среда Ден на жалост во Србија поради трагедијата во домот за стари лица

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека среда, 22 јануари, во Србија ќе биде Ден на жалост поради трагедијата во домот за стари лица во Бараево, каде во пожар загинаа осум лица.

-Утре ќе донесеме одлука во Владата да прогласиме Ден на жалост поради страшната трагедија, огромната трагедија што се случи рано утринава во Бараево, во домот за стари лица – изјави Вучевиќ за Танјуг.

Вучевиќ потсети дека во пожарот животот го загубија осум лица, а лекарите се борат за животот на уште три лица, кои се во многу тешка состојба.

-Сакам да изразам сочувство до семејствата на починатите. Како земја, ние сме подготвени да обезбедиме секаков вид поддршка и помош. И секако, се молиме на Бога и им веруваме на нашите лекари да ги спасат тројцата повредени и моментално во тешка состојба – рече Вучевиќ.

Тој додаде дека истрагата ќе ја утврди причината за пожарот, а дека има прелиминарни сознанија дека се работи за човечки фактор, односно дека се работи за едно лице запалено инвентар и предизвикување на пожарот.

Тој изјави дека причината за пожарот не е нешто поврзано со техничките услови на тој дом и додаде дека домот е легален.

-Така ме извести министерот Старовиќ. Домот е во мрежата на домови за стари лица, не е див дом. Таква информација имам од утрово. Секако, сега полицијата и обвинителството ќе утврдат понатамошна одговорност, односно што се случило – рече Вучевиќ.

Тој изрази благодарност до пожарникарите кои, како што вели, пристигнале на местото на пожарот во рекордно време и спасиле многу животи.

– Веројатно сето тоа се потсетувања дека сите ние треба да се стабилизираме како општество. Да се смират страстите – рече премиерот на Србија.