„Вратете ми го телефонот, чист е, а го плаќам“: Инспекторот Георгиев со лична молба до обвинителот – Адвокатот тврди дека делото е застарено

„Имам едно барање до ЈО, барам да ми се врати мојот мобилен телефон затоа што јас друг телефон немам. Мојот телефон е ’чист‘ со гаранција, немам никакви доказни материјали бидејќи сум немал никакви контакти со обвинетите.“

Со оваа невообичаена молба, обвинетиот Огњан Георгиев, поранешен градежен инспектор во Општина Кочани, му се обрати на обвинителот во судницата. Тој потенцираше дека сѐ уште ги плаќа сметките за телефонот кој му е одземен како доказ, тврдејќи дека во него нема ништо спорно.

„Инспекторите не можат да затвораат објекти“

Неговиот адвокат, Зоран Зафировски, ја оспори самата срж на обвинението, тврдејќи дека градежните инспектори немаат такви овластувања какви што им припишува Обвинителството. „Градежните инспектори немаат надлежност за контрола на ДУП или да затворат објект. Тие немале налог за вонреден надзор, ниту некој побарал тоа од нив,“ истакна Зафировски.

Одбраната тврди дека во „Пулс“ немало пренамена од деловен во станбен простор, туку од „деловен во деловен“, па затоа инспекторот немал причина да интервенира.

Барање за застареност и преквалификација

Адвокатот побара судот да утврди дали има застареност за делото, со оглед на тоа што Георгиев бил инспектор во поодамнешниот период. Исто така, тој инсистираше дека ова дело не може да биде сторено со „умисла“, туку само од невнимание или небрежност.

Огњан Георгиев (68) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Како овластен градежен инспектор во Општина Кочани во периодот од 2005 до 2021 година, тој според обвинението:

  • Знаел дека објектот е во зона за „лесна индустрија“, но дозволил таму да се врши угостителска дејност спротивно на Деталниот урбанистички план .
  • Не извршил инспекциски надзор иако во објектот се вршела незаконска реконструкција и пренамена без одобрение.
  • Не повел постапка по службена должност за да го затвори објектот или да нареди враќање во првобитна состојба.
  • Обвинителството смета дека дејствувал со умисла (се согласил со штетните последици).