За кредит од 9.000 денари долгот достигнал над 75.000 – Зибери: Со брзите кредити граѓаните се ставаат во огромни долгови

Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес конференција побара измена на сегашната законска регулатива за работата на финансиските друштва кои нудат брзи кредити.

Според него, граѓаните со ваквите кредити се ставале во огромни долгови и повеќекратно биле оштетени.

„За да има јавноста јасна претстава за што зборувам, ќе илустрирам со еден пример. За земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со неговата исплата, навистина како во рекламите, не се наплаќа камата, меѓутоа се наплаќаат огромни трошоци. Така, за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомена од 5.900 денари, долгот достигнува сума од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главниот долг“, потенцира Зибери.

Тој истакна дека негова општа констатација е дека во постапките за присилна наплата на неплатен даночен долг, парични казни, глоби и други јавни приходи во корист на државата, УЈП, Градот Скопје и општините не ги почитувале уставните начела за заштита на основните права и слободи на граѓаните.

– Од овие субјекти, на одредени граѓани со години им се загрозува како личната така и егзистенцијата на нивните семејства, бидејќи присилната наплата исклучиво ја спроведуваат преку блокада на нивните трансакциски сметки во банки со одземање на целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, кој го примаат тие. Следствено на тоа, тие подолг временски период остануваат без основни средства за егзистенција, а дополнително се принудени да им плаќаат финансиски средства на банките за деблокирање на трансакциските сметки – истакна Зибиери и додаде дека бара веднаш да се донесат соодветни законски измени и дополнувања во насока на лимитирање на делот кој им се запира на граѓаните на име на долг.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното