Поради зголемен ризик од одрон на камења и уривање карпи, патеката во Матка е целосно затворена за движење. Одлуката стапува на сила веднаш и ќе важи до ново известување од надлежните институции.
Од Општина Сарај информираат дека мерката е донесена врз основа на официјална одлука на Дирекција за заштита и спасување (број 57-2071-1 од 19.02.2026 година), со која се укажува на сериозна опасност од одрон на камења долж патеката во кањонот Матка.
За дополнително предупредување, од страна на Дирекцијата се поставени и соодветни знаци што означуваат опасност од одрони во критичните делови на теренот.
Надлежните ги повикуваат жителите, домашните и странските туристи, како и сите здруженија што организираат активности во овој предел, строго да ја почитуваат забраната и да не се движат по затворената патека.
„Апелираме до сите граѓани и посетители да ја почитуваат одлуката за сопствена безбедност. Во спротивно, во случај на несреќа поради непочитување на правилата, одговорноста останува на оштетениот“, соопштуваат од Општина Сарај.
