Поранешниот премиер Зоран Заев денеска на „Фејсбук“ му се обрати на екс-премиерот Никола Груевски со иронична порака, реагирајќи на неговите последни јавни објави. Заев саркастично му порача дека „се разубавува“, прашувајќи го притоа дали во меѓувреме научил да прави гулаш.
Во својата објава, Заев го обвини Груевски дека му е „досадно во бегство“ и дека наводно се обидува да управува со политички процеси од далечина. Според него, поранешниот премиер продолжува да им дели задачи на своите партиски соработници, а сето тоа, како што наведува, го прави без да се соочи со правдата во Македонија.
„Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа. Да бев јас како тебе и твоите, ќе добиеше многу повеќе. Но јас не сум таков – се борев за слободна и демократска Македонија“, пишува Заев.
Тој додава дека, доколку Груевски ја издржел казната, денес би можел да говори пред македонската јавност, наместо, како што наведува, „од бегство да пишува епопеи што никој не сака да ги дочита до крај“.
Заев во објавата вели дека по напуштањето на политиката пред пет години, човек не поминува ден без неговото име да биде спомнато во јавниот простор од страна на политички противници. „Толку ли комплекси сте натовариле?“ прашува тој.
Во постот, Заев го критикува Груевски и за, како што вели, „богатење на сметка на граѓаните“, а себеси се опишува како човек кој достоинствено работи и нема намера да го троши времето на „серијали писанија“.
Завршувајќи со саркастичен тон, му предлага на Груевски да си најде хоби додека „се разубавува“, прашувајќи го: „Научи ли гулаш да правиш?“
Заев ја завршува пораката со уверување дека ќе дојде ден кога Груевски ќе се врати во Македонија и „добро знае каде ќе треба да оди“, алудирајќи на задолжителното издржување на казната затвор.
„Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО“, стои на крајот од неговата објава.