Во телефонски разговор по оставката на грчкиот министер Коѕијас, премиерите Заев и Ципрас ја потврдиле заедничката определба дека остануваат целосно посветени на договореното во Преспа, со гаранција дека тоа ќе се реализира. Шефот на македонската Влада вели дека неговиот грчки колега го информирал за состојбата во Грција и дека тој ја презема функцијата министер за надворешни.
Двајцата премиери заклучиле дека остануваат посветени на перспективите на новиот Балкан на 21 век, Балкан во кој ќе се градат пријателството, унапредува соработката, економскиот раст.
„Јас сум среќен заради целосната посветеност на Република Грција кон овој договор. Можам да ја потврдам и нашата целосна посветеност. Негувам надеж дека утре парламентот ќе собере сили, дека пратениците ќе се одважат и охрабрат, затоа што, пред сѐ, се претставници на граѓаните, а потоа на политчките партии и ќе се исправат пред историската одговорност“, изјави премиерот Зоран Заев.
Прашан како ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во Парламентот, премиерот Заев вели дека е оптимист и очекува дека пратениците ќе соберат сили и ќе дадат зелено светло за уставните измени. Повтори дека е потребен консензус за ова прашање.
„Треба заедно, по пат на консензус да се направи. Но еве, она во што јас верувам до утре, секако, е дека ќе се смогнат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство, и да се даде пас на отпочнување на постапката за уставните промени“, рече Заев.
Истата заложба ја потврди и македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров. Тој на Коѕијас му порача дека ќе продолжи со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина, пишува во соопштението од МНР.
Викторија Милевска