Иако советот на министри на земјите членки на ЕУ не постигна едногласна одлука за датум за Северна Македонија и Албанија, премиерот Заев од Виена изјави дека се уште има надеж за позитивна одлука од Европскиот совет. Во спротивно, вели тој владата во Скопје ќе биде мртва!
„Доколку овој четврток и петок одлуката биде НЕ или доколку има ново одложување, во среда нашата влада ќе биде мртва, зборувам јавно за ова!“, рече Заев.
Со зборовите “Владата ќе биде мртва“ Премиерот подразбира губење на парламентарното мнозинство во Собранието кое гласаше за менување на името на државата и Уставот со ветување и надеж дека ЕУ ќе даде датум за старт на преговорите.
Проблемот сега за сега е во барањето на Франција за реформи и нова методологија, но според Заев, тоа може да се направи и доколку земјите кандидати добијат датум.
„Реформите може да се прават паралелно одржувајќи мотивација и во земјите кандидати бидејќи без тие мотивации, национализмот, популизмот, радикализмот повторно ќе се вратат.“, изјави Заев.
Доколку нема датум за Македонија, која Заев ја нарече најдобар пример за тоа како се решаваат спорови, тогаш како ќе се мотивираат Косово и Србија за дијалог, или Босна за решавање на нејзините проблеми, праша премиерот најавувајќи дека недостигот на европска перспектива ќе отвори пат за несакани влијанија во Европа.
„Во регионот има голем интерес од Кина, Русија, Турција, кој што е легитимен интерес. Навистина сме дел од европскиот дух, и тие преку овој дел од Западен Балкан сакаат да продрат во Европа, за да бидат помоќни, за да ги контролираат процесите и тие нам не ни нудат владеење на правото или демократијата.“, рече Заев.
Заев дури ги спомна и странските тајни служби кои работат против евроатлантскиот пат.
„Има државни агенти кои работат против интеграцијата во НАТО, некои против демократијата и слободите и ова се случува во малите и салби земји, затоа треба да бидеме дел од европското семејство.“, вели Заев.
Ова Заев го кажа на дискусија на Институтот Ренер во Австрија, во главниот град каде престојува од вчера со дел од својот кабинет Според најавите по ова тој патува во Брисел пред конечната одлука за датумот и стартот на преговорите.