И власта и опозицијата меѓусебно си ја префрлаат вината за непостигнувањето компромис за новиот закон за јавно обвинителство. И по една недела од последната средба на работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на која беше речено дека им треба време да ги разгледаат можните решенија од лидерската средба, досега и двете страни признаваат дека ниту се сретнале ниту разговараат во обид да ги усогласат разликите. Премиерот Зоран Заев деновиве од Њујорк порача дека е можно законот да се донесе до 15 октомври доколку работните групи постигнат компромис а потоа да се утврди на лидерска средба. Но министерката за правда Рената Дескоска вели дека нема поместување на разликите, а нема најава ниту за лидерска средба.
„Компромис кој што ќе значи газење на стандарди и европски принципи или носење компромис за полош закон од постојниот кој што го имаме не е нешто што ќе биде добро прифатено од Европската унија“, рече Дескоска.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста целосно ја префрла на власта обвинувајќи ја дека нема капацитет да донесе квалитетен закон. Порачува да се престане со меѓусебното надмудрување, а за предлог законот да се побара мислење од Венецијанската комисија, што го предложиле уште во февруари годинава.
„Се работи за еден неискрен однос и ако министерката не и верува на опозицијата тогаш ја охрабруваме и денес нека го поднесе предлог законот до Венецијанската комисијата и ќе ги добиеме соодветните одговори што значи европски стандард за закон за јавно обвинителство“, изјави Милошоски.
И откако се усогласија дека не можат да постигнат договор за овој закон, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ отвораат нови преговори, овој пат за измени на Изборниот законик. Министерката Дескоска вели дека повторно со работни групи ќе ги усогласуваат измените на овој закон. Ќе се отвора прашањето за менување на изборниот модел и отворање на листите, потоа за ажурирање на Избирачкиот список, финансирање на изборната кампања и медиумско претставување како и за составот на Државната изборна комисија и начинот на функционирање.
