Започна основното образование за малолетници во воспитно-поправниот дом во Тетово!

Во воспитно-поправниот дом (ВПД) во Волковија, Тетово, започна спроведување на основно образование за малолетници, како дел од активностите за ресоцијализација и подготовка за нивна успешна реинтеграција во општеството.

Наставата се одвива преку Државното основно училиште за возрасни и деца во воспитно-поправни установи „Антон Семјонович Макаренко“, а во процесот се вклучени 17 деца. За нив се обезбедени лаптопи и училишен прибор, а наставата се реализира со физичко присуство и учење на далечина, зависно од потребите и околностите.

Од Управата за извршување на санкции велат дека овој чекор е дел од стратешките заложби за унапредување на правата на децата во институциите и за нивно активно вклучување во образовниот процес, како предуслов за подобри животни можности по издржувањето на мерките.

„Овозможувањето пристап до образование е еден од клучните елементи во процесот на ресоцијализација. Веруваме дека преку стекнување знаења и вештини, децата ќе имаат подобра шанса за нов почеток и конструктивно вклучување во заедницата“, порачуваат од Управата.