Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во Белата куќа изјави дека целта на нападот врз Иран е да се уништи капацитетот за збогатување на ураниум и да се запре нуклеарната закана, и оцени дека станува збор за „спектакуларен воен успех“.
Клучните капацитети за збогатување ураниум во Иран се целосно уништени и блискоисточниот насилник сега мора да склучи мир. Ако не го стори тоа, идните напади ќе бидат многу поголеми, рече Трамп.
Секој со години слуша за иранските нуклеарни постројки во Форд, Натанц и Исфахан, каде што го презедоа овој ужасен деструктивен потфат, а сега се уништени. Или ќе има мир или ќе има многу поголема трагедија за Иран отколку што видовме во последните осум дена, предупреди Трамп.
Запомнете, сè уште има многу цели. Вечерва беше убедливо најтешката, а можеби и најсмртоносната, и ако мирот не дојде брзо, ќе нападнеме други и ќе ги уништиме за неколку минути, рече Трамп.
Трамп му честиташе на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека работеле како тим за да ја елиминираат оваа „страшна закана за Израел“.
Тој, исто така, им се заблагодари на израелската армија за „прекрасната работа што ја завршија“ и на припадниците на американската армија кои учествуваа во нападот врз Иран.
Им честитам и се надевам дека повеќе нема да ни бидат потребни нивните услуги во оваа војна, рече Трамп.