Поранешниот новинар Мухамед Зеќири со емотивна порака реагираше на веста дека на 31 март ќе престане со работа редакцијата на Радио Слободна Европа/Радио Слобода на македонски јазик, по 25 години постоење.
Тој истакна дека оваа одлука не ја доживува само како информација, туку како лична загуба, имајќи предвид дека бил дел од почетоците на медиумот.
„За мене, ова не е само медиум. Ова е дел од мојот живот“, наведува Зеќири, потсетувајќи дека првото емитување на македонски јазик започнало на 1 септември 2001 година.
Тој бил дел од првиот тим од шестмина новинари, кои работеле на релација Прага – Скопје. Во тимот во Прага биле Зоран Ќука, Љупчо Наќев и Гоце Атанасов, додека во Скопје работеле Боби Димишковски, Мухамед Зеќири и Тамара Чаушидис.
Зеќири нагласува дека тимот работел со силна посветеност и верба во независното новинарство, вистината и јавниот интерес.
Според него, затворањето на редакцијата претставува не само крај на еден медиум, туку „тивко згаснување на еден глас што значеше многу“.
И покрај тоа, тој оценува дека вредностите што ги промовираше Радио Слободна Европа ќе продолжат да живеат преку новинарите и нивната работа.
