На листата на 100-те најбогати бизнисмени од земјите на поранешна Југославија, осуммина се од Македонија, меѓу кои највисоко рангиран е Живко Мукаетов, сопственик на фармацевтската компанија „Алкалоид“. Мукаетов е на 32. место на регионалната листа, а неговото богатство е проценето на 784 милиони евра.
„Алкалоид“, основан во 1936 година, од 1998 година функционира како акционерско друштво во приватна сопственост и е шеста најважна фармацевтска компанија во Југоисточна Европа.
На врвот на листата, повторно без промени од минатата година, се наоѓаат сопствениците на хрватскиот „Инфобип“ – Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ, со заедничко богатство од 3 милијарди евра. „Инфобип“ е глобален софтверски гигант и првиот хрватски еднорог, компанија вредна над милијарда долари.
Новина на листата оваа година е првиот милијардер од БиХ, Сенад Џамбиќ, чиј имот се проценува на 1,1 милијарда евра. Неговата групација „Бинго“ вклучува малопродажба и агроиндустрија и вработува над 8.000 луѓе.
Листата, создадена од неколку регионални медиуми, покажува доминација на бизнисмените од Хрватска и Србија, кои заземаат 73 од 100 позиции. Хрватските бизнисмени, според аналитичарите, имаат предност поради пазарот и усогласеноста со европските правила.
Најбогатиот Црногорец, Иван Убовиќ, се наоѓа на 68. место со богатство од 396 милиони евра. Неговата компанија „Бемакс“ е позната по изградбата на автопатишта, станбени комплекси и хотели.
Листата потврдува дека најбогатите во регионот контролираат значителен дел од економските ресурси и продолжуваат да инвестираат во проширување на своите бизниси.