„Обвинетиот е жртва на еден системски неуспех, обвинет за последица врз која немал законска, ниту пак физичка моќ да влијае.“
Со оваа теза, адвокатот Јасмин Калач, бранител на актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (во моментот на несреќата), Џеват Селами, побара ослободителна пресуда. Тој тврди дека Обвинителството конструирало „едноставна, но неправедна приказна“ дека директорот пропуштил дејствие и затоа настанала трагедијата.
Одбраната инсистира дека причинско-последичната врска е прекината. „Трагедијата во Пулс не е настаната поради пропуст на директорот на ДЗС, туку од инцидентни, незаконски и локални дејствија: нелегалната пиротехника и недозволената работа на објектот од страна на трети лица,“ истакна Калач.
Адвокатот го нападна тврдењето на ОЈО дека Селами требало да прераспредели инспектор во Кочани. „Ова е централна теза која мора да ја нападнеме со факти. Првото е правната неможност – директорот немал законска можност да врши селективна прераспределба на инспектори за да се фокусира на еден град,“ рече тој.
Одбраната потенцираше дека Селами имал „краток шестмесечен мандат“ и немал апсолутно никакво сознание за објектот од надлежните органи.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЏЕВАТ СЕЛАМИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Џеват Селами (47) беше именуван за директор на ДЗС на 20.08.2024 година, само седум месеци пред трагедијата (16.03.2025). Тој се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари дека, иако бил на функција кратко време, ја продолжил практиката на негрижа:
- Неназначување инспектор: Не донел одлука за распоредување на инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани .
- Пропуст во надзорот: Не наредил вонреден инспекциски надзор, дозволувајќи објектот „Пулс“ да работи како непроверен субјект без противпожарна заштита и планови за евакуација .