На денешниот „Марш на ангелите“ во Скопје, силно одекна говорот на млада демонстрантка која го сподели својот болен, но решителен повик за правда и промени по трагедијата во Кочани, во која животите ги загубија 63 млади луѓе.
Таа порача дека секое нејзино патување во Кочани е ново оживување на болката на семејствата. „Секој пат кога одевме во Кочани ја чувствував болката на овие родители, на нивните браќа и сестри кои стојат тука денес пред нас,“ рече таа, нагласувајќи дека загубата е немерлива, а тагата за иднините што никогаш нема да се исполнат е постојана.
„Како да сум ја споделувала секоја вечер на овие 63 млади луѓе, секој нивен план за иднината кој нема да се исполни,“ додаде демонстрантката. Иако вели дека врсниците не можат да се вратат, затоа се бори за иднината на својата генерација и на сите идни генерации.
Во својот говор таа ги постави прашањата што болат многумина во државата: „Зошто нашата држава повеќе личи на казна отколку на дом? Зошто растеме со страв наместо со надеж, и зошто кога ќе се случи најлошото повторно никој не одговара?“
„Системот молчи – 63 животи се изгубени. Не боли само болката, боли и индиферентноста на сите кои ги поминавме по улиците, а не искочија да застанат со нас,“ порача таа. Го осуди и однесувањето на институциите кои веднаш по трагедијата заминале на одмор, а потоа директно влегле во политичка кампања.
„Боли што некој помислил дека ова ќе се заборави. Боли што очекуваат да ја голтнеме неправдата како да е нормална. Но ова не е нормално – и нема да го прифатиме,“ истакна таа.
Во продолжение ги истакна причините поради кои маршира: „Тука сум не поради политика, туку поради совест. Не поради идеологија, туку поради човечност. Не поради револт, туку поради љубов кон мојата земја која заслужува подобро.“
Говорот заврши со силна порака која го понесе и собраниот народ:
„Сите ние заслужуваме подобро. Овие родители заслужуваат подобро. Затоа – за правда нема да молиме, за правда ќе се бориме!“