Свет

Зошто земјотресот во Турција е толку смртоносен

Зошто земјотресот во Турција е толку смртоносен

Повеќе од 5.000 луѓе беа затрупани под урнати згради по земјотресот што во понеделникот во раните утрински часови ги погоди југоисточна Турција и Сирија. Повредените се илјадници, а бројот на загинати се зголемува.

Земјотресот со јачина од 7,8 степени  урна цели станбени згради и предизвика огромни штети во Турција и Сирија. Тоа е најголемиот земјотрес во последните две години регистриран во светот од страна на Геолошкиот институт на САД.

Во границите на самата Турција, последната ваква трагедија беше забележана во 1999 година, кога земјотрес со слична јачина го уништи густо населениот источен регион на Мраморното Море во близина на Истанбул, при што загинаа повеќе од 17.000 луѓе.

Присутни се сите фактори за смртоносниот земјотрес

Големиот број на жртви е резултат на неколку фактори: големата магнитуда на земјотресот, фактот дека бил блиску до површината и близината до населени места. Земјотресот во понеделникот се случи на само околу 18 километри под површината. Тоа значи дека сеизмичките бранови не морале да патуваат толку далеку пред да стигнат до површината, што довело до посилни потреси.

Од вчера се регистрирани најмалку 185 последователни потреси.

Професорката Џоана Фор Вокер, раководител на Институтот за намалување на ризик и катастрофи на Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави за Би-Би-Си: „Од најсмртоносните земјотреси во дадена година, само два во последните 10 години биле со слична јачина, а во претходната 10 години – четири“.

Но, големината на уништувањето не зависи само од јачината на земјотресот и неговата локација. За големиот број на жртви придонесе и фактот што земјотресот се случи во раните утрински часови, кога повеќето луѓе беа дома и спиеја.

Јачината на зградите е исто така фактор. Самиот регион немаше поголем земјотрес во последниве години и нема предупредувачки знаци дека може да се случи трагедија од оваа јачина. Ова природно води до пониско ниво на подготвеност отколку во регионите каде што земјотресите се чести.

Во северна Сирија досега се пријавени повеќе од 1.600 жртви. Спасувачките тимови известија дека многу згради се оштетени или уништени и дека луѓе се затрупани под урнатините.

Земјотресот го погоди регионот, кој е дом на милиони бегалци раселени поради граѓанската војна. И пред земјотресот, ситуацијата во поголемиот дел од регионот беше критична поради замрзнатото време, распадната инфраструктура и епидемијата на колера што предизвика страдање за многу од оние што живеат таму.

Што го предизвика земјотресот?

Во регионот на Турција има три тектонски плочи – арапска, анадолска и африканска. Сепак, поголемиот дел од земјата се наоѓа на плочата на Анадолија.

Анадолиската и африканската плоча се поместуваат, предизвикувајќи триење и создавање на стрес, што се ослободува во форма на земјотреси, изјави за Вашингтон пост Јареб Алтавел, сеизмолог во Националниот информативен центар за земјотреси во Колорадо.

Арапската плоча се движи кон север со брзина од околу 11 милиметри годишно, вели Стивен Хикс, сеизмолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Поради ова, Турција, која се наоѓа на плочата на Анадолија, е притисната на запад.

Ова движење значи дека постојат две главни раседи во Турција каде што се случуваат земјотреси – 1.500 километри долгата северноанадолија и скоро 500 километри долгата источноанадолија. Во последниве години, повеќето големи земјотреси се случуваат во регионот на северниот расед, кој е блиску до Истанбул. Затоа е предмет на поголемо внимание за сметка на источниот, каде во минатиот век не се забележани земјотреси со јачина поголема од 7 степени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни