700 милиони евра недостасуваат во државната каса на само еден ден пред крајот на годинава

На само 24 часа пред истекот на 2025 година, „бројчаникот“ на Министерството за финансии покажува сериозно потфрлање во однос на плановите. Во државната каса недостасуваат близу 700 милиони евра за да се исполни проектираната приходна страна.

Според последните податоци, собрани се вкупно 5,4 милијарди евра, иако планот предвидуваше во буџетот да се слеат околу 6 милијарди евра. Ова значи дека реализацијата на приходите е нешто над 90%, што отвора прашања за ефикасноста на даночниот систем, објави Телма.

Експерти: Владата се „сопна“ на првите чекори

Иако новата Влада најавуваше засилена наплата и борба со сивата економија, економистите сметаат дека резултатите изостануваат.

„Како и секоја претходна Влада, особено кога доаѓа на власт има амбициозни планови, но по сè изгледа оваа Влада можеби се сопне на првите чекори. И покрај напорите да ја зголеми наплатата, гледаме дека бројките не го кажуваат тоа. Тоа зборува за недостаток и системски проблем на функционирање на системот“, изјави за Телма, Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Доцнењата го вклучија алармот

Сомнежот дека „нешто се случува“ со државната каса се засили во изминатиот период поради серијата доцнења во исплатите:

  • Доцнеше исплатата на „Мој ДДВ“ кон граѓаните.
  • Доцнеа одредени социјални трансфери.
  • Стопанството алармираше за доцнење на повратот на ДДВ кон фирмите.

И покрај овие индикатори, официјалниот став на Владата останува дека со буџетот нема проблеми и дека ликвидноста е стабилна.

Капитални инвестиции: Реализација над 60% со „пренамена“

Што се однесува до капиталните расходи (изградба на училишта, градинки, пруги), реализацијата надминува 60%. За да се постигне ова и да се платат фактурите кон компаниите што ја завршиле работата, пред крајот на годината направена е пренамена на пари од други ставки. Експертите коментираат дека ова е веќе видена практика – капиталните инвестиции се планираат високо, но кога нема пари, тие први страдаат или се крпат со пренамени во „5 до 12“.