Консумирањето алкохол годишно е поврзано со околу 800.000 смртни случаи во Европа, што значи дека секоја единаесетта смрт е последица на употребата на алкохол, покажува извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
Според анализата, европскиот регион бележи највисока потрошувачка на алкохол во светски рамки, што сериозно влијае врз стапката на предвремена смртност и бројот на повреди. Податоците за 2019 година, која е најновата достапна, укажуваат дека околу 145.000 смртни случаи од повреди може директно да се поврзат со консумирањето алкохол.
Најчести причини за ваквите смртни исходи се самоповредувања, сообраќајни несреќи и падови. Во извештајот се наведува дека алкохолот е значаен фактор и кај меѓучовечкото насилство, вклучително и физички напади и семејно насилство, што дополнително го зголемува бројот на насилни повреди во регионот.
Особено загрижувачка е состојбата кај младата популација, бидејќи консумирањето алкохол негативно влијае врз развојот на мозокот, процесот на донесување одлуки и когнитивните способности за време на адолесценцијата и раната зрелост. СЗО предупредува дека алкохолот може да предизвика нарушувања на меморијата и учењето, како и зголемен ризик од долгорочни последици, меѓу кои и проблеми со менталното здравје.
Кај адолесцентите и младите возрасни лица, алкохолот останува водечки ризик-фактор за инвалидитет поврзан со повреди и за предвремена смрт.
Регионалниот советник за алкохол, нелегални дроги и затворско здравје при СЗО/Европа, Карина Фереира Борхес, нагласува дека алкохолот е токсична супстанца која е поврзана со појава на седум видови рак и бројни незаразни болести, но и дека сериозно ја нарушува способноста за проценка и самоконтрола, го забавува времето на реакција и ја зголемува склоноста кон ризично однесување.
Според најновите податоци, земјите од Источна Европа учествуваат со околу половина од вкупниот број смртни случаи од повреди поврзани со алкохол, додека во западните и јужните делови на Европа овој удел е под 20 проценти.
Во Русија, во последните две децении се забележуваат промени во навиките за консумирање алкохол, при што бројот на лица кои не пијат алкохол речиси се удвоил. Податоците исто така покажуваат дека пивото, а не вотката, и понатаму е најчесто консумираниот алкохолен пијалок.
