Мобилните телефони целосно ќе бидат забранети за време на училишниот ден во Англија, вклучително и нивното чување во џебовите и училишните ранци на учениците. Новите, построги правила треба да стапат во сила во септември 2027 година, со цел да се намалат одвлекувањето на вниманието и да се подобрат концентрацијата и дружењето меѓу учениците.
Според новите насоки на британската влада, учениците нема да смеат воопшто да ги користат мобилните телефони додека се на училиште. Досега во некои образовни установи важеше правилото „да не се гледаат и да не се слушаат“, што значеше дека телефоните можат да останат во училишните ранци доколку не се користат и не се забележуваат.
Правно обврзувачките насоки стапија во сила во јуни, со што училиштата во Англија добија законска одговорност да спречат користење телефони во текот на целиот училишен ден. Со новите измени, ограничувањата дополнително ќе се заострат.
Министерката за образование Луси Пауел порача дека училиштето треба да биде место за учење и дружење, а не за постојано следење содржини на мобилните телефони.
„Јасната порака до родителите и учениците е дека училиштето е место за учење и пријателство, а не за бескрајно прелистување содржини на телефонот“, изјави Пауел.
Од британската влада оценуваат дека постојаниот пристап до мобилните уреди може да го одвлече вниманието на децата од наставата, но и од меѓусебната комуникација.
Училиштата самостојно ќе одлучуваат како ќе ги спроведуваат новите правила. Дел од нив веќе инвестирале во футроли што се заклучуваат или во безбедни шкафчиња за чување на телефоните. Други ги собираат уредите на почетокот на наставата или целосно го забраниле нивното внесување во училишните простории.
Директорот на Академијата за момчиња „Берниџ“ во Манчестер, Карл Харисон, изјави дека училиштето инвестирало 20.000 фунти, односно околу 23.000 евра, во систем со метални детектори и специјални футроли со цел да се спречи пристапот на учениците до телефоните.
Иако дел од учениците на почетокот сметале дека им се ограничува слободата, според Харисон, новиот пристап донел позитивни промени. Учениците почнале повеќе да разговараат меѓу себе, а концентрацијата на часовите се подобрила поради помалиот број одвлекувања на вниманието. Тој додава дека се забележува и подобрување на училишните резултати.
Сепак, здруженијата и синдикатите на директорите предупредуваат дека спроведувањето на построгите правила може да биде тешко без дополнителна финансиска поддршка од владата.