Осомничениот Стојан Чифлигароски ќе ја чека понатамошната постапка во куќен притвор, откако Кривичниот совет го прифати предлогот на неговата одбрана за замена на досегашната мерка притвор. Одлуката е донесена откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дало позитивно мислење за барањето.
Од судот информираат дека Кривичниот совет постапувал во рамките на предлогот на одбраната и позитивното мислење на обвинителството, по што го прифатил барањето како согласен предлог меѓу странките.
Покрај куќниот притвор, на осомничениот му е определена и мерка на претпазливост – одземање на двете важечки патни исправи.
Одлуката, како што наведуваат, се темели на образложението на обвинителството дека истражната постапка е во завршна фаза, но и на здравствената и семејната состојба на осомничениот, за кои била доставена соодветна медицинска документација.
Странките имаат право на жалба против одлуката во рок од 24 часа од нејзиниот прием. Поднесената жалба нема да го одложи извршувањето на одлуката.