АХВ регистрира подобрена безбедноста на храната во домови за стари лица – извршени контроли, еден без регистрација, изречени глоби и опомени

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство на почетокот на месецов спровеле 39 вонредни контроли во домови за стари лица низ државата, при што биле утврдени повеќе неправилности во дел од објектите.

Како што информираат од Агенцијата, само еден од контролираните домови не бил регистриран како оператор со храна. Поради тоа му е изречена привремена забрана за работа, парична казна и налог за задолжителна регистрација во АХВ.

При контролите било утврдено и дека еден оператор со храна не ги исполнувал хигиенските барања за безбедност на храната, додека во четири домови за стари лица не биле спроведени задолжителните здравствени прегледи за вработените.

Инспекторите констатирале и други недоследности, меѓу кои нередовно водење записи за добра хигиенска и производствена пракса, недоставување сертификати за обуки за хигиена на храна, недоволна евиденција за набавки, како и доцнење со спроведување на мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Поради овие пропусти издадени се три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени.

За посериозни прекршоци, четири оператори се казнети со глоби во вкупна вредност од 1.550 евра во денарска противвредност. Кај еден од контролираните оператори, инспекторите наредиле и нештетно уништување на шест килограми небезбедна храна.

Од Агенцијата потсетуваат дека при слични вонредни контроли спроведени во ноември 2024 година, дури 14 домови за стари лица не биле регистрирани како оператори со храна. Тогаш биле уништени 40 килограми небезбедна храна, издадени 16 решенија за отстранување на неправилности и изречени парични казни за 18 домови.