Цементарницата Титан Усје испуштала голема количина на штетни честици кои допринесуваат кон нарушување на квалитето на амбиенталниот воздух во Скопје, рече на вонредна прес конференција градоначалничката Данела Арсовска.
„Мерењата се извршени во два наврати и тоа на 26 и 27-ми декември и на 3-ти и 4-ти јануари оваа година. И во двата наврати измерени се пречекорувања во испуштањето на штетните гасови и честици кои го загадуваат амбиенталниот воздух“, изјави Арсовска.
Во декември измерени биле три пати повеќе ПМ10 честици во атмосферата, а слични резултати се добиле и при мерењата извршени на почетокот на овој месец.
„Инспектори извршија преглед во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања кои се спротивни на издадената интегрирана еколошка дозвола која ја издава токму Министерството за животна средина“, додаде Арсовска.
Од котларата пак кој се користи за загревање на цементарницата утврдено е дека имало надминување на границите на азотни оксиди, при што резултатите покажале повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 250 милиграми, односно 711 милиграми на метар кубен.
„Преземав иницијатива за покренување кривична пријава против цементарницата Усје“, заклучи Арсовска.