„Асистенцијата се сведува на половина“: Личниот асистент Ѓорѓиевски открива со какви пречки се соочуваат корисниците

Намалувањето на часовите за лична асистенција отвора сериозни прашања за поддршката на лицата со попреченост и нивните семејства. Во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, лиценцираниот личен асистент Филип Ѓорѓиевски говореше за предизвиците со кои се соочува во својата работа, особено поради кратењето на работните часови.

Според него, промените значително влијаат врз секојдневието на корисниците. „Досега бев присутен речиси секој ден, по дваесетина дена во месецот, а сега асистенцијата се сведува на половина – само првите две недели по неколку часа“, објаснува Ѓорѓиевски. Тој додава дека ваквата состојба најмногу ги погодува семејствата, кои мора да најдат начин да се организираат во периодите кога нема асистенција.

Работата на личен асистент, како што посочува, бара континуитет, особено кога станува збор за лица со комплексни здравствени состојби, како мултиплекс склероза, која има специфични симптоми и бара постојана грижа. Обуката што ја добил преку Црвен Крст, вели тој, била сеопфатна и му овозможила да се справува со различни ситуации – од помош при движење до извршување на секојдневни активности.

Ѓорѓиевски веќе две години работи како личен асистент, а првите средби со семејствата ги опишува како предизвик исполнет со нови искуства. И покрај претходниот контакт со лица со попреченост, работата со корисник во инвалидска количка за него претставувала нова реалност. „Со текот на времето, преку работа на терен, се доусовршуваме и стекнуваме дополнително искуство“, вели тој.

Покрај физичките ангажмани, професијата носи и психолошки предизвици. Ѓорѓиевски нагласува дека е неопходно да се одржи баланс помеѓу професионалноста и емпатијата. „Треба да се најде златна средина – природно е да се поврзеш со луѓето, но мора да се задржи и професионалната дистанца“, објаснува тој.

Особено проблематични се моментите кога асистенцијата е најпотребна, а часовите веќе се потрошени. Во такви ситуации, семејствата остануваат сами да се справуваат со обврските, што дополнително ја нагласува потребата од системски решенија и континуирана поддршка.

Разговорот отвора поширока дебата за одржливоста на системот за лична асистенција и потребата од негово унапредување, со цел да се обезбеди квалитетна и непрекината грижа за оние на кои им е најпотребна.