„Личната асистенција е хумана работа, но не живееме во идеален свет. Кога системот ќе ви ја скрати платата за речиси половина, се поставува прашањето колку може да се издржи“, вели лиценцираниот асистент Ѓорѓиевски.
Работата на личните асистенти за лица со попреченост во Македонија се наоѓа на крстопат помеѓу желбата да се помогне и суровата економска реалност. Филип Ѓорѓиевски, лиценциран личен асистент, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, отворено зборуваше за деградирачката положба во која се наоѓаат овие работници.
„Платата е скратена за 40 отсто“
Иако секоја година се најавуваат симболични покачувања, реалноста на терен е поинаква. Според Ѓорѓиевски, последното кратење на часовите директно се одразило врз нивните примања, правејќи ја оваа професија тешко одржлива.
„Се случува последно кратење каде фактически платата ни е скратена за 40 проценти. Сумата не е нешто со што треба да се фалиме, а згора на тоа, исплатите доцнат со месеци во текот на годината“, истакна тој.
Помеѓу емпатијата и неможноста
Ѓорѓиевски објаснува дека асистентите честопати се ставени во незавидна позиција – да избираат помеѓу своите приватни обврски и потребите на корисниците кои остануваат без поддршка кога часовите ќе завршат.
„Се трудам да останам плус, иако тоа не ми е платено, за да излезам во пресрет колку што можам. Но, тоа не е возможно секој ден“, вели Филип, додавајќи дека само оној кој се соочил со ваква ситуација „на своја кожа“ може да разбере колку е тешка реалноста за семејствата.
Ниска општествена свест
Според него, свеста за потребите на лицата со попреченост во нашиот регион сè уште не е на соодветно ниво. Идеалното сценарио, според Ѓорѓиевски, би значело повеќе часови за корисниците, повеќе асистенти и достоинствено вреднување на нивниот труд.
„Хумана работа е, секој што има можност треба да се проба. Но, за да се мотивираат луѓето да се вклучат, потребни се повеќе часови и подобри услови, бидејќи не живееме во идеален свет“, заклучува тој.
Разговорот во „Ноќно студио“ уште еднаш ги извади на површина разликите помеѓу она што е ветено „на хартија“ од страна на институциите и реалните проблеми со кои се соочуваат асистентите и корисниците на терен.
