Во животот на секој маж, часовникот е неизбежен моден додаток, тоа е прашање на престиж, статусен симбол, гаџет за перчење.
По принципот „покажи ми каков часовник носиш, ќе ти кажам кој си“, мажите како деца се натпреваруваат кој има подобар и порепрезентативен примерок.
Ви се допаѓало или не, повеќе од фенси италијански чевли, или скапоцен паметен телефон, часовникот околу вашиот зглоб на раката, во светот на моќта зборува повеќе од вас. Чевлите може да се излижат, вредноста на телефоните паѓа, но добар часовник е вечна инвестиција!
Но, каков часовник да се избере? Рачниот часовник дефинитивно на соговорникот треба да му покаже дека во животот и во бизнисот добро ви оди. Можеби тоа е мал чекор за човештвото, но тоа е дефинитивно голем за светот на возрасните момчиња! Проблемот е, што понекогаш може да се почувствувате како аутсајдер во претенциозен клуб, кој никако не ве сака како член. Освен ако не го поседувате токму тој часовник. Без оглед на се, немојте на секое прашање „Колку е часот?“, да се размавнувате со раката и со својот нов и скап примерок, бидејќи тоа дефинитивно е degute. Часовникот зборува за вашиот карактер и за вашата личност, затоа сигурно не сакате околината да ве смета фалбаџија и човек кој се расфрла со пари, туку човек со стил.
Ако се најдете во друштво на оние кои не знаат доволно за часовниците и не прават разлика меѓу кварцен и автоматски механизам, ќе сфатите дека разговорот со нив е залуден. Тоа е како на страствен познавач на пијалаци да му кажете дека неговото најдобро виски сте го искористиле за облога кога ве нападнал грип.
Затоа, еве неколку насоки за тоа како да изберете вистински часовник за вас и што е важно да знаете при купувањето на часовник.
Првиот чекор до поседување на моделот од вашите соништа е да одлучите каков вид на механизам сакате?
Кварцниот, кој воглавно користи поевтина верзија за задвижување – батерија, или оној другиот за кој вистинските љубители на часовниците ќе кажат дека е единствен – механички.
Факт е дека часовничарските снобови ни во најлудите соништа не би избрале кварцен механизам и дека попрво бираат да ги протресат рацете за нивните механички автоматици да проработат. Имено, автоматскиот калибар го користи движењето на раката на оној кој го носи часовникот, за да ја придвижи главната пружина која овозможува вашиот часовник да отчукува тик-так, тик-так.
Ако се прашувате зошто автоматиката е „татко“ меѓу часовниците, добрите познавачи ќе ви кажат „дека кај еден часовник најмалку е важно дали го покажува точното време“. Сигурно ќе кажете, каква иронија! Но, поминато е времето кога часовниците беа само покажувачи на време. Луѓето претпочитаат автоматика од истата причина од која претпочитаат класичен Jaguat пред модерна Toyota или избраат класична плоча пред CD.
На крајот, нормално следува и стилот. Ова се неколку предлози на оние кои ја диктираат модата и стилот, а кои никогаш нема да бидат промашување
Спортски часовници
Овие часовници се карактеризираат со робустен дизајн, моќно челично куќиште. Воглавно имаат светли и јасни стрелки и бројчаници. Доколку сте љубител на нуркање или сте само спортски тип, со овие модели го освојувате секој терен.
Часовник за свечености
Овие модели на часовници мора да бидат елегантни и класични. И кога се многу скапоцени, обично се суптилни и не премногу воочливи. Може да бидат украсени со дијаманти и други скапоцени камења, но мора да бидете свесни дека овие часовници не треба да се носат во теретана, со секојдневна облека или кога ќе одите со друштвото на куглање. Најчесто се направени од многу вредни скапоцени метали. Ова се модели кои се носат со костуми, кошули или смокинг.
Авијатичарски или пилотски часовник
Во деновите пред електронска навигација, овие модели биле од витално значење за пилотите. Повеќето вакви модели, генерално, имаат црна основа со светли броеви и стрелки. Часовниците кои ги носеле пилотите во Втората светска војна се познати по нивната прецизност и квалитет. Нафрлете на себе Top Gun јакна, фармерки и задолжителни Ray Ban очила за сонце со овој модел на часовник, ако сакате да изгледате како Том Круз во легендарниот филм.
Минималистички часовник
Овие часовници се дизајнирани за луѓе чие мото е „Помалку е повеќе (Less is more)“. Не се вели случајно дека класиката е сите времиња. Одберете модел кој привлекува внимание со својата едноставност.
Hi Tech часовник
Пристигна нова ера! Она што некогаш било мисловна именка, стана реалност – паметен часовник. Веќе не мора да носите телефон за да комуницирате, проверите е-пошта, да видите со кој резултат вашиот омилен клуб го завршил натпреварот…