Четири Албанки и девет деца поврзани со Албанците, кои им се приклучиле на исламистичките екстремистички групи во Сирија и Ирак, се во процес на враќање од сириски камп, изјави курдски претставник од северна Сирија, цитиран од Асошиетед прес.
Абдул Карим Омар, официјален претставник кој преговара со земјите за враќање на нивните државјани, напиша на Твитер дека „13 Албанци (4 жени и 9 деца) од семејствата на борците на Исламската држава се предадени на официјална албанска владина делегација“.
Тој објави и фотографија со шефот на албанската антитерористичка служба, Албанецот Даутаи.
Албанската влада не ја потврди информацијата, но официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека репатрираните Албанци се очекува да пристигнат со лет доцна вечерва.
Дваесет и пет албански жени и деца чии сопрузи и татковци се приклучиле на Исламската држава и во многу случаи биле убиени во битка, се вратени дома во три претходни мисии, од кои последната беше во јули 2021 година.
Властите не го прецизираа бројот на Албанците кои се уште се наоѓаат во логорите во Сирија, но рекоа дека тие се идентификувани. Роднините во Албанија велат дека 52 деца сè уште се во Сирија, вклучително и оние што ќе бидат вратени денеска.
Неколку стотици Албанци се приклучија на Исламската држава и другите групи кои се борат во Сирија и Ирак на почетокот на 2010-тите. Многумина се убиени, а нивните вдовици и деца останаа блокирани во сириските кампови.