Дали Скопје ќе остане без празничен амбиент, Градот нема тендер за новогодишно украсување ниту за набавка на украси

Скопје може да остане без новогодишно украсување годинава. Град Скопје не распиша тендер за набавка на украси или за избор на фирма која ќе ги украсува главните булевари, улиците во центарот и Плоштадот Македонија. Нема ниту најава од Градот за организирање на новогодишен базар и новогодишна прослава.

Иако сите европски метрополи, но и градовите од соседството веќе се украсени, отворени се новогодишните базари и се најавуваат новогодишни прослави на централните плоштади, во Скопје како да не се ближат новогодишните празници.

Со оглед дека Градот нема свои украси години наназад се избираше фирма преку постапка за јавна набавка која китеше. Но, годинава како и изминатите две години откако на функција е Данела Арсовска не се распишува тендер. Една недела пред Нова година на Плоштадот се поставува елка и се украсува само таму и на Рекорд, но никој не знае кој го прави тоа. Арсовска вели дека се работи за донации на општествено одговорни компании.

4NEWS ја праша градоначалничката Арсовска дали годинава се планира новогодишно украсување на Скопје, ако има колку ќе чини и која фирма ќе украсува. Доколку нема зошто Скопје ќе оставен без празничен амбиент и дали ќе има новогодшна прослава на Плоштадот. Од кабинетот на Арсовска не добивме одговор на нашите прашања кои ги испративме пред една недела односно на 22 ноември.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното