ДИК: До 15:30 часот гласале над 5.000 болни и немоќни лица

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 147. седница прифати три приговори поднесени од граѓани за лично избирачко право, а одби седум како неосновани.

Отфрлени беа приговорите на Радица Радеска и Гордана Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди и Иџал Камбери од Желино, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени се приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, како и на Адис Таири и Едина Таири од Гостивар.

Од ДИК информираа дека тројцата ќе можат утре да го остварат своето право на глас, со обврска да го приложат решението што ќе го добијат од Комисијата, како доказ за запишување во дополнителниот образец на Избирачкиот список.

На седницата беше усвоена и одлука за поништување на потврдена листа за членови на Советот на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Причина за поништувањето е утврдено присуство на починато лице на листата, по добиена информација и прибавен доказ од матична книга на умрени.

„ДИК констатира дека потврдената листа се поништува и дека гласовите дадени за истата ќе се сметаат за неважечки. Избирачките одбори се должни тоа да го евидентираат во записниците за гласање“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој додаде дека случајот е проследен до Јавното обвинителство за натамошна постапка.

Членот на ДИК, Александар Даштевски, потсети дека ваков случај имало и минатата година кога Работничката партија предложила починато лице на кандидатска листа, по што била покрената кривична постапка.

На седницата беше соопштено дека за следење на утрешните локални избори се акредитирани 1.463 набљудувачи, од кои 807 домашни и 644 меѓународни, како и 12 странски новинари. ДИК денеска им одобри акредитации и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.

Дополнително, Комисијата ја усвои и одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за потребите на локалните избори.

Седницата остана отворена за евентуално пристигнување нови приговори.

„Јавноста ќе биде навремено известена доколку седницата продолжи. Доколку нема потреба, утре ќе биде официјално затворена,“ изјави претседателот Кондарко.