Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, упати остра критика до судските власти по одлуката за одредување куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Димитриевски оцени дека овој случај, каде лице по 14-месечно бегство се враќа во државата и по само еден распит заминува дома, претставува потврда за нефункционалноста на правосудниот систем.
Димитриевски, кој себеси се дефинира како легалист, посочи дека е недозволиво некој кој свесно ја избегнувал правдата повеќе од една година, веднаш да добие повластен третман. Тој потсети дека кога самиот бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта и го повикал и Груби на истото, но наместо соочување, Груби одбрал бегство. Според него, со вакви потези државата ја губи својата сериозност пред сопствените граѓани.
Градоначалникот директно ги повика Советот на јавни обвинители и Републичкиот судски совет во целост да ја преиспитаат оваа постапка.
„Доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите мора да се санкционираат. Во спротивно, ништо не се менува. Сакаме во Европа, но за тоа ќе мора да ги делиме европските вредности во поделбата на правдата“, истакна тој.
Во својата изјава, Димитриевски ги стави во иста група Артан Груби и Сашо Мијалков, посочувајќи дека денеска и двајцата се чувствуваат како слободни граѓани наспроти тежината на случаите. Тој иронично потсети на промоцијата на проектот за Коридорот 8, од каде по Груби остана само симболичната маичка пред неговото исчезнување од државата.
„Мене како граѓанин ваквото однесување и постапката за ставање во куќен притвор не ме задоволува. Останува на судските власти да објаснат дали ова е исправно“, заклучи Димитриевски.
