Димитријевиќ: Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, Обвинителството и судството под контрола на Мицкоски

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, на денешната прес-конференција обвини дека правната држава е „целосно погребана“ по одлуката за одредување куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби. Според него, станува збор за смислено сценарио и договор помеѓу актуелната власт и ДУИ.

„Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено. Затоа Обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за што СДСМ со месеци говори“, изјави Димитријевиќ.

Тој посочи дека обвинителството побарало поблага мерка иако Груби претходно веќе еднаш избегал од државата.

„Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски. Тој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година, значи пред еден месец“, додаде тој.

Според СДСМ, целиот затворски систем „капитулирал пред политичките договори“, а враќањето на Груби било темпирано по преземањето на контролата врз правосудните органи.