Вистинска драма се одвивала денеска во канцеларијата на директорката на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица, откако, според нејзините тврдења, член на Училишниот одбор вербално и агресивно ја нападнал, по што била принудена да повика полиција. Поради претрпениот стрес, на директорката ѝ се влошила здравствената состојба, па интервенирала и Итната медицинска помош.
Инцидентот, како што се наведува во писменото соопштение од директорката, кулминирал денеска, но е претходен од долгогодишен конфликт со истиот член на одборот, именуван од Советот на Општина Битола.
„Денес ситуацијата кулминираше. Влезе без најава во канцеларијата и почна насилно и агресивно вербално да ме напаѓа. Се закануваше со разни пријави, ми упати многу навреди и недостојни зборови“, се вели во соопштението.
Директорката наведува дека го предупредила дека се наоѓа во службени простории, но тој продолжил „уште пожестоко“.
„Бидејќи не престануваше, пријавив во МВР, по што тој веднаш замина. Полицијата дојде, направи записник, по што ми се влоши здравствената состојба и беше повикана служба за итна медицинска помош“, објаснува таа.
Повод за нападот – видео од оштетена конструкција
Непосреден повод за денешниот напад, според директорката, е видео објавено од страна на истиот член на одборот, кое се однесува на метална конструкција во училишниот двор. Таа во соопштението демантира дека станува збор за биста.
„Сакам да нагласам дека не е биста, туку метал свиткан во полукружна форма на која имаше напишан цитат од Крсте Петков Мисирков. Истата беше оштетена и искршена од силен ветер и затоа е тргната настрана за да не дојде до повреда на ученик“, појаснува директорката.
Таа додава дека кога стапила на функцијата, постаментот бил во „очајна состојба со рѓа и без текст“, по што училиштето го пребојадисало и обновило.
Директорката обвинува за четиригодишен мобинг
Во соопштението се тврди дека денешниот инцидент е само ескалација на долгогодишен притисок.
„Личноста која го објави видеото… постојано во текот на претходните четири години недолично се однесува кон мене како директор, се заканува и ме навредува и бара оставка од мене. За тоа ја имам известено општината, но за жал, ништо не се презеде“, пишува таа.
Директорката го завршува своето обраќање со поширок апел: „За жал, ова не е единствен ваков случај во државата и време е сите заедно да се избориме еднаш за секогаш да престанат заканите и ваквите напади од локални кметови кои сметаат дека целата власт е во нив“.