Четириесет и петгодишна жена почина, а пет лица, меѓу кои три деца, се повредени во пожар во зграда во центарот на Софија, соопшти денес бугарското Министерство за внатрешни работи.
Во соопштението се вели дека пожарот, кој избувнал синоќа, го предизвикал ментално растроен маж, објави порталот „Новините“.
Според Службата за итни случаи, едно момче (9) и две девојчиња, на возраст од 2 и 11 години, се повредени во пожарот и се хоспитализирани поради интоксикација со чад.
Маж (41) и жена (71) се примени во Военомедицинската академија, исто така поради интоксикација.
Мажот што го запалил пожарот е приведен и веројатно ќе биде сместен во психијатриска установа.

