Европската комисија (ЕК) ја блокираше исплатата на средствата од третата транша на ИПАРД 3 програмата за Македонија, дознава Телма. Оваа превентивна мерка доаѓа како директна последица на истрагата и апсењето на поранешниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев, кој е осомничен за примање мито.
Како што потврдија од ЕК за Телма, одлуката за прекин на рокот за плаќање за третиот квартал од 2025 година е донесена со цел да се заштити буџетот на Европската Унија.
„Комисијата одлучи да го прекине рокот за плаќање како стандардна превентивна мерка. Очекуваме властите во земјата да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно, бидејќи станува збор за пари на даночните обврзници на ЕУ“, изјави портпарол на ЕК за Телма.
Владата на 29 октомври побарала исплата на 2,9 милиони евра, средства кои државата веќе им ги исплатила на 109 земјоделци. Иако Министерството за финансии сè уште нема добиено официјално известување за стопирањето, потврдуваат дека чекаат поврат на средствата до крајот на јануари 2026 година.
Сепак, блокадата веќе се чувствува на терен – 15 корисници кои до крајот на годината требаше да добијат околу 400 илјади евра, сега ќе мора да почекаат додека не се повлече суспензијата.
Извор: Телма
