„Изненаден сум. Никогаш, ама никогаш не би помислил дека ќе застанам на обвинителна клупа за функција што сум ја вршел пред 13 години. Не постојат заменски обвинети. Не може некој невин да одговара за друг.“
Со овие зборови, поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, ја негираше вината, тврдејќи дека тој е единствениот функционер кој навремено реагирал, но бил игнориран од централната власт.
„Пишав допис до Министерство за економија, одговор немам до денес“
Димитровски пред судот обелодени дека уште пред отворањето на дискотеката во 2012 година, испратил предупредувачки допис до Министерството за економија. „Кога дознав дека ќе се отвора дискотека, на 19.10.2012 година се обратив до Министерството: ’Ве молиме да не информирате дали му е издадена или ќе му биде издадена дозвола за тој објект‘. Јас сум единствен во Македонија кој го направил тоа, иако сум немал надлежност. На тој допис до денес немам добиено одговор,“ тврди Димитровски.
Тој додаде дека на 05.11.2012 година, општината го известила сопственикот Дејан Јованов дека парцелите не можат да се користат за паркинг за услуги што не се предвидени во Деталниот урбанистички план (ДУП).
„Каква правда може да се очекува ако се изостави и само еден човек кој требало да биде обвинет, а се обвинуваат луѓе кои не се виновни?“ праша екс-градоначалникот.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ РАТКО ДИМИТРОВСКИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Иако тој тврди дека преземал дејствија, Обвинителството во актот го товари за спротивното – пасивност и „Тешки дела против општата сигурност“.
Според обвинението:
- Како градоначалник (2009-2017), тој знаел дека објектот е во зона за „лесна индустрија“, а не за угостителство/дискотека, што е спротивно на ДУП-от.
- И покрај тоа што знаел дека објектот е безбедносно опасен, не презел никакви службени дејствија за санкционирање и затворање на „Пулс“.
- Не им наредил на инспекторите да спроведат надзор и не ги известил ДЗС и МВР дека објектот работи незаконски .
- Овозможил Општината да наплаќа такса од 4.000 евра за вршење дејност, иако објектот немал дозвола за тоа.