ЕУ одлучи: По 2035 година нема да се продаваат бензин и дизел автомобили

Пред неколку дена Италија, Португалија, Словачка, Бугарија и Романија побараа да се одложи овој план на ЕУ за автомобили со внатрешно согорување.

Европската унија го одобри планот за стопирање на продажбата на мотори со внатрешно согорување во Европа до 2035 година, објави денеска 27-члениот блок во обид да ги намали штетните емисии, пренесе АФП.

Мерката, која првпат беше предложена во јули 2021 година, ќе значи крај на продажбата на бензински и дизел автомобили, како и на лесни комерцијални возила и целосно свртување кон електричните мотори во ЕУ до 2035 година.

Планот има за цел да им помогне на целите на Европа за климатските промени, особено неутралноста на јаглеродот до 2050 година.

На барање на земјите, вклучувајќи ги Германија и Италија, ЕУ се согласи да размисли за зелено светло во иднина за употреба на алтернативни технологии како што се синтетички горива и хибриди.

Пред неколку дена Италија, Португалија, Словачка, Бугарија и Романија побараа да се одложи овој план на ЕУ.

Забраната за мотори со внатрешно согорување е клучно решение за справување со зголемените емисии од транспортот и забрзување на процесот на префрлување на електрични автомобили. Целта на ЕУ е да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година од нивото од 1990 година.