Форбс ја прогласи Урсула фон дер Лајен за најмоќна жена во 2025 година

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е највлијателната жена во светот за 2025 година, објави списанието „Форбс“ во своето 22-ро годишно рангирање, кое ги одликува лидерите што ја менуваат глобалната политика, економија и култура.

„Листата за 2025 година одразува нова ера на моќ, во која жените не само што учествуваат, туку и ги диктираат правилата во најкритичните сектори“, се вели во официјалното соопштение на публикацијата.

Историски пробив во Јапонија

Големата вест на овогодинешното рангирање е искачувањето на Санае Такаичи на третото место. Во октомври 2025 година, таа стана првата жена премиер во јапонската историја. Според „Форбс“, нејзиното лидерство означува пресвртница за азиската економија и политика.

Меѓу 5-те највлијателни жени за 2025 година се:

  1. Урсула фон дер Лајен – претседател на Европската комисија
  2. Кристин Лагард – претседателка на Европската централна банка
  3. Санае Такаичи – премиер на Јапонија
  4. Џорџија Мелони – премиер на Италија
  5. Клаудија Шајнбаум – претседателка на Мексико

Технологии и култура

Рангирањето го истакнува подемот на лидерите во технолошкиот сектор, особено во областа на вештачката интелигенција. Лиса Су, извршен директор на AMD, и Даниела Амодеи од Anthropic се именувани како клучни фигури што ја обликуваат иднината на технологијата.

Во областа на културата и забавата, Ким Кардашијан дебитираше на листата благодарение на нејзиното успешно деловно партнерство со „Најк“ и нејзината вредност на брендот од 5 милијарди долари.

„И покрај сите превирања – од политичко непријателство до економска несигурност , жените на овогодинешната листа покажуваат извонредна отпорност“, забележа Форбс.

Рангирањето вклучува вкупно 100 жени од 25 земји, кои заедно управуваат со приходи од над 4,9 трилиони долари и влијаат врз повеќе од половина од глобалниот БДП.