Светлината на празниците доаѓа од домовите на скопјани. Град Скопје ги објави победниците на манифестацијата „Украсуваме по скопски“, иницијатива која ја слави креативноста на граѓаните и нивниот придонес во создавањето на празничната магија.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека годинава Скопје блеснало со посебна топлина благодарение на граѓаните кои своите домови ги претвориле во мали светлосни приказни.
Најубавите во Скопје
По детална евалуација и теренски посети од страна на жири-комисијата, избрани се највпечатливите уредувања:
- НАЈУБАВ ДВОР: Наградата од 20.000 денари замина во рацете на Адријана Јовановиќ од населбата Маџари (ул. Темко Попов бр. 33а). Нејзиниот двор беше оценет како простор кој зрачи со топлина, светлина и вистинска празнична магија.
- НАЈУБАВА ТЕРАСА: Теа Ивановска од населбата Козле (ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 149-2/7) ја доби наградата за најубаво украсена тераса и паричен износ од 20.000 денари. Таа покажа како и малиот простор може да стане голема празнична приказна.
Награден и ученички расказ
Манифестацијата го поттикна и литературниот дух кај младите. Во категоријата за најубав расказ на тема „Новогодишни желби и празнувања“, победи Христина Наумов, ученичка во СУГС „Ѓорѓи Димитров“. Таа е наградена со 5.000 денари за својот искрен текст што пренесува празнична надеж.
Кој одлучуваше?
Тешката задача да се изберат најдобрите ја имаше жири-комисија составена од медиумски професионалци и новинари (Весна Миленковска, Александрија Стевковска Николова, Анела Петрова, Славица Стефановска, Нина Стефанова и Елизабета Дамјановска), кои лично ги посетија пријавените локации.
„Со ‘Украсуваме по скопски’, Скопје уште еднаш покажа дека најубавите празници се оние што ги создаваме заедно“, порачаа од Градот.







