Пратеникот на СПД во парламентот и државен секретар во министерството за животна средина, Карстен Трегер, почина на 52-годишна возраст. Политичарот се онесвести додека скијаше во Австрија во саботата и беше однесен во болница во Инсбрук, каде што почина. Го преживеаја сопругата и двете деца, објави Шпигел.
Сочувство од светот на политиката
Веста за смртта на Трегер длабоко ја потресе германската политичка сцена. „Длабоко сме шокирани“, рече Матијас Мирш, шеф на парламентарната група на СПД. „Карстен Трегер беше политичар за животната средина со тело и душа, страствен социјалдемократ и човек со добро срце. Неговата смрт остава празнина што не може да се пополни. Нашите мисли се со неговата сопруга и двете ќерки.“
Претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер, изрази „длабока тага“ поради смртта на Трегер и нареди знамињата да бидат спуштени на половина копје. Таа објави дека Бундестагот ќе се збогува со Трегер во среда.
Шефот на пратеничката група на Унијата, Јенс Шпан, исто така изрази сочувство. „Ненадејната смрт на нашиот колега од СПД, Карстен Трегер, длабоко нè потресе. Нашите мисли се со неговото семејство“, објави тој на социјалната мрежа X.
Лидерите на баварската СПД, Роња Ендрес и Себастијан Ролоф, го опишаа Трегер како „страствен борец за социјална правда и заштита на темелите на нашите животи“. Тие напишаа: „За многумина од нас, Карстен беше многу повеќе од колега – тој беше пријател, советник и пример за углед“.
Градоначалникот на Фирт, Томас Јунг, исто така се збогува со Трегер, објавувајќи на Инстаграм дека неговиот „долгогодишен придружник“ починал.
Политичка кариера
Карстен Трегер ја започна својата политичка кариера во својот роден град Фирт, каде што беше градски советник од 2002 до 2013 година. Потоа влезе во Бундестагот, а во 2018 година стана портпарол на пратеничката група на СПД за животна средина. Минатата година, тој беше назначен за парламентарен државен секретар во Министерството за животна средина.
