Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко ѝ беше од племето Давидово, а мајка ѝ од родот Аронов. И така, таа по татко беше од царски, а по мајка од архијерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Кој од неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.
Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца.
И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семоќниот Бог Кој гледа сè ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа.
Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна.
Бог им даде само една ќерка, која подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана.
Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот јерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од нејзиното пречисто и девствено тело.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат.
Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
На Мала Богородица, исто како и на Голема, според народните верувања, постојат одредени забрани. Жените не би требало да чистат низ куќата, да перат алишта и да извршуваат слични работи.
На тој ден не е добро ниту да се започнуваат никакви нови работи, туку тоа треба да се одложи за некој од наредните денови.
Се верува и дека ако на овој празник е ведро, без облаци и ако се види сонце во поголемиот дел од денот, се верува дека есента и зимата ќе бидат благи.
