Општина Струга од својот буџет одвои 114 илјади евра за набавка на четири автомобили од типот „Шкода“ и „Ауди А6“. Новиот службен автомобил со кој ќе се вози градоначалникот Рамиз Мерко чини 66.700 евра. За „Шкода Октавија“, лимузина со пет седишта издвоени се 18.700 евра, а двете „Шкоди Рапид“, исто така лимузини со пет седишта, ќе ја чинат општната по 14.205 евра. Мерко, вели дека овие возила се купуваат за нормално функционирање на општинската администрација.
„Приближно, не ме држете за збор, околу 114 илјади евра. Ова беше навистина потребно, бидејќи возилата што ги имавме во моментот се стари. Не беа функционални 6-те автомобили кои ги имавме. Поради тоа моравме да купиме нови автомобили и тоа три „Шкоди“ и едно „Ауди А6“. Тие беа набавени со тендер, отворен во 2018 година и истиот се затвори годинава. Од декември па наваму на располагање имаме четири автомобили, а за старите автомобили беше отворен тендер за нивна продажба“, изјави Рамиз Мерко – градоначалник на општина Струга.
Од друга страна, долгот на општината и понатаму е голем.
„Тоа е ирелевантно, бидејќи самиот буџет е околу 6 или 7 милиони евра. Дотациите се околу 6 милиони евра, или вкупно 13 или 14 милиони евра. Долговите кои беа наследени изнесуваат околу 4 и пол милиони. Половина од нив ги подмири Владата, додека останатиот дел ние како општина од нашиот буџет“, Рамиз Мерко – градоначалник на општина Струга.
Договорот за снабдување на луксузни автомобили беше склучен на 28 ноември минатата година, а дури денеска беше објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ